Миовски: Навивачите на Ренџерс ги интересира само првото место - сè останато е неуспех!

Ренџерс имаше катастрофален крај на сезоната затоа што од трка за титулата на крајот заврши дури на третата позиција, по четирите порази на последните пет натпревари во шампионатот, а тоа предизвика фрустрација кај македонскиот напаѓач Бојан Миовски и неговите колеги.

Миовски смета дека имале шанси за титулата, но ја испуштиле поради лошата серија на резултати во завршницата од лигата.

„Секој клуб има свои амбиции и се соочува со различен притисок. Во Ренџерс, имаме голем број навивачи ширум светот. Ако судиме според богатата историја и титулите кои ги освоивме во минатото, стандардот е на високо ниво, каде што мора постојано да се обидувате да освоите титула. Досега не сум играл во клуб чии амбиции се секоја сезона да се бори за пехар.

Минимум што се бара од Ренџерс е да доминира во натпреварите и кога сте дел од клубот, вие мислите само на освојување на трофеи. Навивачите живеат за тоа, тие живеат за Ренџерс да ги освои лигата, купот и да доминира.

Се соочувате со голем притисок и да завршите на второ или трето место е исто како да завршите на седма позиција. Навивачите ги интересира само првото место, а всушност така и треба да биде. Фрустрира тоа што последната титула во лигата клубот ја освоил во 2001 година, но мотивирани сме и сакаме да го промениме тоа“, кажа Миовски.

Миовски пристигна во Ренџерс од Жирона минатото лето и постигна 13 голови во сите натпреварувања во првата сезона за шкотскиот гигант.

„Среќен сум со моите голови, но верувам дека ми недостигаше континуитет и повеќе натпревари во стартниот состав за да постигнувам повеќе голови. Поминав повеќе време на клупата отколку на теренот во вториот дел од сезоната. Секако, секој фудбалер сака да игра повеќе и да биде во стартниот состав, отколку на клупата. Ренџерс е голем клуб и може да се очекува конкуренција за место во тимот, но јас сум голем борец и ќе дадам сè од себе за да ја покажам својата вредност, да му покажам на тренерот дека заслужувам повеќе да играм“, вели македонскиот напаѓач.

Фото: Facebook/Rangers FC