Ќе има пак грмење од Мадрид: Реал го победи Виљареал, ама Винисиус доби директен црвен картон (ВИДЕО)
Мадридскиот тим славеше со 1-0, многу потешко од очекувањата, ама од овој меч најмалку ќе се зборува за победата на Реал. Драматичниот натпревар беше решен со голот на Јан Диоманде во 62. минута, но во центарот на вниманието беше бразилскиот репрезентативец Винисиус.
Тој влезе во игра во 52. минута на местото на Александер Арнолд, а во 71. постигна гол, прв за него уште од август. Погодокот беше бурно прославен, дури и Мурињо истрча да слави со фудбалерите, ама големото задоволство на сите од Реал кратко траеше. Главниот судија доби повик од ВАР собата и откако ја прегледа целата акција, не само што го поништи голот на Винисиус, туку и му покажа црвен картон. Причината за тоа е што во зачетокот на нападот, Бразилецот го скубнал противничкиот фудбалер Салиба што според правилата е директен црвен картон.
Не треба да се објаснува колку жестоки беа протестите од домашниот табор, а веднаш се вклучи и клупската телевизија со својот познат уличарски вокабулар и со напади на адреса на судиите. Голем проблем е тоа што сега е неизвесен настапот на Винисиус во Ел Класико бидејќи за директен црвен картон следува суспензија од два натпревара, а дуелот со Барселона е на 25 октомври на Камп Ноу.
Со десетмина фудбалери, Реал успеа да го задржи водството и да остане на шест бода негатива во однос на лидерот Барселона.