Филипе Кутињо и на хартија е играч на Барселона. Бразилецот денеска потпиша пет и полгодишен договор, заедно со претседателот Жозеп Марија Бартомеу продефилираа пред камерите и кажаа по некој збор.

Се собраа навивачи, се потпиша договорот и се посакаа убави желби. Кутињо и официјално стана вториот најскап играч во светот, откако трансферот од Ливерпул за 160 милиони евра беше заверен „црно на бело“.

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот и на сите кој го направија возможен овој трансфер. Многу сум среќен што сум тука, како што реков, ова е остварување на мојот сон. Се надевам дека на теренот ќе ги оправдам сите очекувања. Сега не можам да играм во Лигата на шампионите, но ќе играм следните пет години“, изјави 25-годишниот Бразилец откако се обврза на верност.

Бартомеу призна дека долго време им бил желба, но не пропушти и да се пофали дека успеале да го ангажираат покрај тоа што и други клубови се интересирале за него.

„Многу сме возбудени што го запознавме Фелипе Кутињо, играч кој го посакуваме во нашите редови уште од минатото лето. Целиот наш стручен тим, Ернесто Валверде, Пеп Сегура, Роберт Фернандез сите сакаа Филипе да дојде. И Филипе сакаше да дојде, тоа беше и негова цел и неговото трпение беше клучно за трансферот да се оствари. Тој е една од најголемите ѕвезди во светот на фудбалот и ќе остане овде многу години. Имаше и други клубови заинтересирани за Кутињо, но постоеше голема желба тој да биде вклучен во проектот на Ернесто Валверде. Му благодарам и на Ливерпул што го пушти да дојде“, рече претседателот.

Кутињо излезе и на теренот, како што е традицијата, во дрес на Барселона и жонглираше со топката пред илјадниците фанови. Сите, барем на момент, заборавија дека тој дојде во Барселона повреден и дека нема да може да дебитира уште три недели.