Јамал, конечно, стави крај на сушата која траеше пет месеци

Ламин Јамал дефинитивно е играч за големи натпревари и тоа го покажа многу пати во неговата досегашна, кратка, но успешна кариера.

Иако има само 17 години, шпанскиот репрезентативец блеска во дресот на Барселона и е меѓу најзаслужните што каталонскиот тим се уште е во игра за уште три трофеи. Од што е толку добар, никој не забележа дека до синоќа беше во серија од 12 натпревари или безмалку пет месеци без постигнат гол во Ла Лига.

Неговиот последен погодок датираше од 26 октомври кога се запиша во листата на стрелците во убедливиот триумф од 4-0 на Барса во Ел Класико. Оттогаш постигнуваше голови во Лигата на шампионите, Купот и Суперкупот на Шпанија, но не и во првенството.

Сушата ја запре во најдобриот можен момент за Барселона, на гостувањето кај Атлетико и тоа при резултат 2-2, носејќи му на својот тим предност во финишот од мечот. Сепак, не смее да се заборави дека Јамал е најдобар асистент во Ла Лига со 11 додавања за гол и единствен со двоцифрен ваков ефект во шпанското првенство.