Историјата се повторува: После Фиго, Барселона го дочека и проклетството на Нејмар!

Кога сè ќе се спореди, ќе се пресматаат бројките и трошоците, Барса се соочува со разочарувачка вистина.

Ако се вратиме на почетокот на овој век, Жоан Гашпарт беше изнервиран и под притисок откако Фиго замина во Реал за во тоа време светски рекорд од 60 милиони евра, поради што мораше да бара негова замена, која на крајот се покажа како очајна.

Прво беше донесен Марк Овермарс за две третини од тие пари, околу 40 милиони евра, потоа и Емануел Пети за 9 милиони, но тоа не беше сè. Гаспарт ги донесе уше и Жерар и Алфонсо Перез, од парите кои ги добија за Фиго.

Резултатот беше очаен, Барселона пет години, сè до доаѓањето на Лапорта, кој ги донесе Рикардо и Роналдињо, не освои ништо.

По скоро две децении, истата работа се повтори. Имено, Барселона повторно го сруши светскиот рекорд со продажба на своја ѕвезда, ПСЖ плати клаузула од 222 милиони за Нејмар, што беше удар за Каталонците, но и сигнал за нив да започнат повторно да купуваат како што тоа го направија по продажбата на Фиго. Бертомеу потроши 300 милиони на Кутињо и Дембеле за само пет месеци, а резултатите повторно се очајни.

Нејмар постигна 15 голови и имаше 15 асистенции на 41 натпревар во својата прва сезона, што Барса ја сметаше за адаптација. Експлодира во втората сезона кога пристигна Луис Енрике. Тој ја освои тројната круна, постигна 39 голови и имаше 11 асистенции на 51 натпревар. И следните две години тој беше одличен, 31 погодок и 25 асистенции, а потоа и минатата сезона, 20 голови и 26 асистенции. Ова се броеви за неверување, затоа што неговите наследници не дојдоа ниту приближно до неговите бројки.

Дембеле е во клубот веќе три години, одигра само 74 натпревари поради повреди, постигна 19 голови и имаше 17 асистенции, но покажа дека има потенцијал кога е подготвен, што е ретко. Кутињо постигна 21 гол и имаше 11 асистенции на 76 натпревари, додека Гризман 14 голови и 4 асистенции на 43 натпревари.

За нив беа инвестирани неверојатни 420 милиони евра, а резултатите се видливи. Тоа е причината зошто, по Фиго, Барса го доби проклетството на Нејмар.