Интер „на мускули“ меѓу осумте најдобри во Купот на Италија (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер далеку потешко од очекувањата се пласираа во четвртфиналето од Купот на Италија, откако вечерва, дури по продолжение, го елиминира незгодниот Емполи (3-2).

„Нераѕурите“ добро го отворија мечот, со оглед што Алексис Санчез уште во 13. минута донесе водство и тоа како резервист, со оглед што осум минути претходно влезе во игра на местото на брзо повредениот Кореа. Но, во второто полувреме се случи неочекуван пресврт на гостите, кои прво преку Бајрами изедначија во 61. минута, а потоа и поведоа со автоголот на Раду. Улогата на спасител на Интер ја имаше Ранокија, кој изедначи во судиското продолжение, за потоа Сенси да донесе триумф во 104. минута од средбата.

Со ова, составот од Милано им се придружи на Јувентус, Сасуоло, Фиорентина, Аталанта, Милан, Лацио, додека последниот патник, а воедно и нивни противник во следната фаза, ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Рома и Лече.