„Икарди е плашливец, ПСЖ е идеален за него зашто таму играат – егоманијаци“

Контроверзниот италијански напаѓач Мауро Икарди летово во „пет до 12“ си замина од Интер и дојде во француски Пари Сен Жермен на едногодишен заем со опција парижаните идното лето да го откупат неговиот договор.

Повеќе од шест месеци траеше трансфер-сагата за Икарди, која започна во март годинава околу обновувањето на новиот договор, по што одеднаш избувна војна во која главна улога имаше неговата сопруга Ванда Нара, со непромислените изјави и јавни настапи по медиумите, за соиграчите, но и за управата на клубот.

Легендарниот италијански напаѓач Паоло Ди Канио после трансферот на Икарди во ПСЖ посочи дека истиот е идеален за Аргентинецот, зашто е плашливец.

„Мене ме чуди што господин како Карло Анчелоти воопшто размислувал да го донесе Икарди во Наполи. Ајде што не е модерен напаѓач, туку проблем е што е плашливец. Што нема ни храброст, а ниту образ да се извини кон своите соиграчи за глупостите што ги зборуваше неговата сопруга Ванда Нара. И на крај, ова негово доаѓање во ПСЖ воопшто не ме изненадува. За такти ведисциплинирани егоманијаци, ПСЖ е природна средина“, вели Ди Канио.

Нема сомнение дека оваа изјава ќе предизвика бурни реакции во француската престолнина, а посебно од семејството на Икарди и неговата уште поконтроверзна сопруга Ванда.