Играчи на Мајорка прекршиле корона-правила, завршија во затвор, па добија – отказ!

Двајца фудбалери, кои играа во Б-тимот, иако имаат договори со првата екипа заработија експресни откази откако ги прекршиле строгите корона-правила и поради тоа минале неколку часа во притвор, па клубот од Балеарските острови експресно ги избркал.

Како што објавија шпанските медиуми, Брајан Реина и Саму Алекс Пинто биле уапсени зашто не ги почитувале мерките за заштита и ригорозните правила во оваа пандемија со коронавирус, па поради тоа реагирала полицијата и ги привела. Двајцата минале неколку часа во притвор, а со тоа му нанеле голем срам на клубот и неговиот углед.

Поради недисциплина и неодговорно однесување, Мајорка им врачила отказ и ги раскинала нивните договори. Двоецот имал договори со клубот, но биле префрлени во Б-тимот и настапувале за него во пониските лиги.

Член на Мајорка е македонскиот репрезентативец Александар Трајковски.