И првиот човек на ФИФА испрати сочувство за смртта на големиот Дојчиновски!

Челниците на македонскиот фудбал денеска објавија дека им пристигнала телеграма од првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, со сочувство за смртта на легендарниот југословенски и македонски фудбалер, Кирил Дојчиновски.

Тој почина завчера на 78-годишна возраст и ќе остане запаметен како прв Македонец кој настапил на еден Мундијал и тоа во 1974 година на првенството во Западна Германија и тоа како репрезентативец на тогашна СФР Југославија.

„Кирил Дојчиновски е вистинска легенда на југословенскиот фудбал и еден од најголемите во неговата генерација. Ќе ни недостасува неговата фудбалска големина, лидерството, но уште повеќе неговата човечка и хумана величина“, се вели меѓу другото во дописот на Инфантино до македонската „Куќа на фудбалот“.

Дојчиновски поради огромните заслуги за македонскиот фудбал е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.