И француска Ница заинтересирана за Барди

Авантурата на македонскиот репрезентативец Енис Барди во турскиот првак Трабзонспор ќе заврши за шест месеци и веќе извесно е дека ќе си замине од црноморското крајбрежје, па после информациите за интерес од Италија и Шпанија, најнов клуб кој е заинтересиран за фудбалерот за врска е француска Ница.

Од Турција доаѓаат најави дека Ница влегува во трката за потпис и ангажман на Барди, откако пред два дена беше посочено дека два италијански и два шпански клубови исто така покажуваат интерес за македонскиот репрезентативец. Но, кои се клубовите не е посочено, но сешпекулираше дека едниот од Италија е Торино, а од Шпанија – Мајорка.

Но, барем засега официјална понуда на адреса на Трабзон за Барди нема, сѐ е сведено на само интерес од клубовите, а допрва раководството на клубот и менаџерот на македонскиот фудбалер ќе треба да најдат решение и нова станица за играчот за врска, на кого веќе му е кажано дека е слободен да си бара нов клуб.

Трабзон за Барди летоска на Леванте му плати три милиони евра, откако пет години играше македонскиот репрезентативец во Шпанија после трансферот во летото 2017 година за 1,5 милиони евра од унгарски Ујпешт.