Хорор пред Бабунски и Трапановски – навивачи со столица искршија глава на фудбалер (ВИДЕО)

Голем инцидент го потресе шкотскиот фудбал на последниот ден од сезоната, откако по завршувањето на натпреварот помеѓу Данди Јунајтед на нашите Давид Бабунски и Кристијан Трапановски и Абердин (2-1) дојде до нереди во кои беа вклучени навивачите.

Еден од присутните на стадионот фрли столица кон теренот, при што беше погоден фудбалерот на Абердин, Џек Мекензи, кој притоа заработи сериозни повреди на главата. Инцидентот се случил откако група навивачи влетале на теренот и започнале да се гаѓаат со столици. Една од нив, која доаѓала од делот каде што биле сместени навивачите на Абердин, го погодила Мекензи во пределот на слепоочницата, иако тој воопшто не настапи на натпреварот. Играчот веднаш започнал обилно да крвави, а лекарите морале итно да интервенираат. Фудбалерот добил конци на две места на главата, а клубот Абердин веднаш упати осуда за случувањето.

„Ова е апсолутно недозволиво и не смее да се повтори. Чекаме дополнителни информации, но засега знаеме дека столицата е фрлена од делот каде што беа нашите навивачи. Кога ќе се идентификува сторителот, ќе преземеме најстроги можни мерки“, соопштија од клубот за кој до пред извесно време успешно настапуваше нашиот Бојан Миовски пред да замине во Џирона.

Полицијата веќе започна истрага за да утврди кој е одговорен за нападот врз фудбалерот. Тоа што дополнително ги изненади присутните е фактот што натпреварот немал натпреварувачка тежина – и двата тима веќе обезбедиле учество во европските квалификации. Абердин ќе настапи во квалификациите за Конференциската лига, додека Данди Јунајтед ќе игра во квалификациите за Лигата на Европа.

ФОТО: ЈУТЈУБ ПРИНТСКРИН