Шпанците тврдат: Судиите го спасија Реал Мадрид од шокантен пораз (ВИДЕО)
„Кралевите“ и покрај освоениот бод влегуваат во серија од три натпревари без победа, што шпанските медиуми ја опишуваат како почеток на сериозна криза. Но најголемо внимание по средбата предизвикаа тврдењата дека судијата Франциско Ернандез и ВАР системот му помогнале на Реал во клучните моменти. Критиките упатени кон главниот судија беа жестоки – од навивачи, експерти, па дури и од шпанските медиуми, кои оценуваат дека мечот следел веќе виден шаблон на контроверзни одлуки во корист на големите клубови.
Во 78. минута имаше признаен гол по наводна игра со рака. Мадриѓани израмнија преку Хујсен, но медиумите тврдат дека пред голот Џуд Белингем со рака ја насочил топката кон стрелецот. И покрај ВАР технологијата, погодокот остана валиден. Во 87. минута, пак, груб контакт на Винисиус со голманот Пења. Кај голот за конечни 2-2, Елче жестоко протестираше. Според снимките, Винисиус го удрил голманот Ињаки Пења во лицето, предизвикувајќи му крварење, непосредно пред Белингем да ја погоди мрежата. ВАР повторно не реагираше, што ги разгори сомнежите дека ситуацијата се игнорирала во корист на Реал. Интересно е што дури и мадридска „Марка“, често сметана за медиум близок до Реал, објави дека при вториот гол на „кралевите“ имало очигледен прекршок врз Пења.
Иако Реал настапи со изменета постава, Чаби Алонсо избра систем со тројца стопери, офанзивни бекови Трент и Фран Гарсија, како и Себалос како креатор на играта. Но домаќинот не се исплаши од големиот противник. Елче поводеше со погодок на Алеиш Фебас во 53. минута по груба грешка на одбраната на Реал, а по краткотрајното израмнување, повторно стигна до водство во 84. минута преку Алваро Родригес, поранешен играч на мадридскиот клуб.
„Кралевите“ тешко создаваа шанси, а единствена постојана закана беше Килијан Мбапе, додека Куртоа неколку пати го спасуваше тимот во дефанзива. Во завршницата, Елче остана со играч помалку по исклучувањето на Чуст во 96. минута, но резултатот остана непроменет.
ФОТО: EPA PHOTO