Општа тепачка на меч во Црна Гора: Тепале играч на носилка – паднале 10 црвени картони!

Натпреварот од Втората младинска лига на Црна Гора помеѓу Стар Аеродром и Беране беше прекината во 71. минута поради масовна тепачка на теренот.

Ситуацијата ескалирала кога еден од фудбалерите на Беране, кој претходно бил заменет, прво се пресоблекол, па скокнал од трибините на терен и удрил противнички играч кој бил на носилка. Инцидентот ескалирал во голема тепачка во која учествувале и родители.

Главниот судија доделил десет црвени картони – шест на играчи од Стар Аеродром и четири на играчи од Беране, прекинот бил при водство на домаќините (1-0). Делегатот на натпреварот бил принуден да повика полиција за да се смири ситуацијата, по што сите учесници биле приведени.

Утврдено е дека натпреварот не бил обезбеден од полицијата, туку од приватна служба, која не успеала да спречи ескалација на насилството.