Одеднаш станува жешко: Нов кикс на Реал, предноста пред Барса се стопи на само еден бод (ВИДЕО)

Ако пред две кола, разликата меѓу Реал и Барселона изнесуваше пет бода, од денеска таа е само еден откако мадридскиот клуб направи уште еден кикс во првенството.

„Кралевите“ одиграа само 2-2 на гостувањето кај Елче што е нивен трет меч по ред без победа во сите натпреварувања, а второ реми во шпанското првенство. Малку недостасуваше Реал да ја загуби челната позиција на табелата бидејќи два пати беше во негатива, а голот за израмнување го постигна во 87. минута.

Се што беше важно на овој натпревар, се случи во второто полувреме. Чаби Алонсо веројатно го потцени противникот, па излезе со комбинирана постава што подоцна му се удри од глава. Елче го отвори резултатот во 53. минута преку Фебас по една фантастична акција, па четири минути подоцна тренерот на Реал во игра ги уфрли Винисиус, Валверде и Камавинга. И со нив Реал долго се мачеше, а успеа да израмни по еден сомнителен момент кога Белингам со рака му асистираше на Хујсен кој ја затресе мрежата на домашниот тим.

 

 

И ако се очекуваше Елче да падне по примениот гол, се случи спротивното. Домаќините заиграа уште подобро и во 84. минута, по еден контранапад повторно дојдоа во водство, преку Родригез. Реал имаше среќа што само неколку минути подоцна Белингам ја искористи асистенцијата на Мбапе за ново израмнување што подоцна се покажа како конечен резултат.

Со освоениот бод Реал остана на чело на табелата, но сега со минимална предност пред Барселона. Во четири бода разлика се наоѓаат уште Виљареал и Атлетико.

Standings provided by Sofascore