Милан има ѕид на голот: Мењан пак одбрани пенал, „росонерите“ го добија градското дерби (ВИДЕО)

Екипата на Милан изби на второто место на табелата во Серија А откако вечерва славеше во градското дерби како формален гостин против Интер со 1-0.

Голот за победа го постигна Кристијан Пулишиќ во првото полувреме, но апсолутен херој на „росонерите“ е голманот Мајк Мењан кој покрај неколкуте фантастични интервенции, му одбрани и пенал на Хакан Чалханоглу во вториот дел и така оневозможи израмнување.

 

 

Тоа е втор одбранет пенал за францускиот голман во последните три кола откако истото го направи и со ударот од белата точка на Пауло Дибала во дербито со Рома. Интер имаше иницијатива на овој натпревар, но не успеа да ја круниса и да дојде до триумф кој ќе го оставеше на челната позиција на табелата.

Место тоа, падна на четвртото место, а пред него, покрај новиот лидер Рома, се наоѓаат уште Милан и Наполи. Сите четири екипи, како и петтопласираната Болоња се на само три бода растојание.