Гвардиола за Барселона: Среќен сум во Манчестер

Барселон наскоро ќе влезе во нова ера, откако претседателот Хозеп Мариа Бартомеу си поднесе оставка од функцијата. Во март следната година треба да има претседателски избори, по што спортскиот колектив ќе го добие својот нов предводник. 

Еден од кандидатите за претседател на Барселона вети дека ќе врати Пеп Гвардиола на тренерското место во клубот. Англиските новинари го прашаа менаџерот на Манчестер сити за негово евентуално враќање во Шпанија.

„Среќен сум тука, задоволен сум од она што го имам во Манчестер и се надевам дека сезонава ќе завршам добра работа за да останам што е можно подолго во клубот“, рече Гвардиола.

Неговиот актуелен договор со „граѓаните“ истекува во јуни 2021 година, односно по завршувањето на оваа сезона. Доколку Сити сезонава не освои некој голем трофеј, како оној во Премиерлигата или Лигата на шампиони, можно е Гвардиола да не добие продолжување на соработката.

Тој работи во Сити од 1 јули 2016 година. Претходно три сезони беше на клупата на Баерн Минхен, а кариерата како тренер ја започна во Барселона Б, па од 2008 до 2012 година го тренираше и првиот тим на Каталонците.