Гвардиола најави ремонт: Неколку позиции ни се критични, тоа не е катастрофа

Екипата на Манчестер сити мораше да се помири со фактот дека ја загуби титулата оваа сезона, бидејќи Ливерпул зад себе има маестрална година во Премиер лигата во која дојде до трофејот по пауза од три децении.

Токму поради тоа, менаџерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, најави реконструкција на тимот.

Некои од нашите играчи мора да бидат заменети. Не е катастрофа, тоа е нешто што е дел од фудбалот заради возраста на играчите и другите околности, истакна шпанскиот стручњак кој е во Манчестер сити од 2016 година и освои осум трофеи со англискиот клуб.

Евидентно е дека си заминуваат Давид Силва, Клаудио Браво и Лерој Сане, а Гвардиола не е сигурен ниту за Серхио Агуеро и Фернандињо. Тој најави дека нема да донесе замена за Сане, кој оди во Баерн, но дека му треба стопер откако замина Винсент Компани минатата година.

Не е дека ни недостасуваат квалитетни играчи, но ни требаат замени за Компани и Силва. Фернандињо и Агуеро имаат уште една година од своите договори и не знам дали ќе продолжат или не, вели Гвардиола.

Англиските медиуми пренесуваат дека изборот на Гвардиола за стопер е Калиду Кулибали, 29-годишен дефанзивец на Наполи за кого италијанскиот клуб бара 100 милиони евра. Од друга страна, Гвардиола допрва треба да најде замена за офанзивниот играч од средниот ред, Давид Силва, кој последните десет години ги помина во клубот.