
Голманот на Баерн пред несекојдневен подвиг - може да прослави две титули во различни првенства!
Урбиг (21), кој стана прв избор на голот на Баерн поради повредата на Мануел Ноер, на почетокот од сезоната одигра 10 натпревари за Келн пред во јануари да се пресели во Минхен. Неговиот поранешен клуб моментално е втор на табелата во Втората Бундеслига, со само бод помалку од водечкиот Хамбургер, а до крајот остануваат уште две кола.
„Сè уште сум во добар контакт со момците од Келн и би бил исклучително среќен доколку успеат да го освојат трофејот во втората лига,“ изјави Урбиг.
Доколку тоа се случи, Урбиг ќе стане само третиот фудбалер во историјата кој во иста сезона освоил шампионски титули и во Првата и во Втората Бундеслига. Пред него тоа им успеало само на Паси Раутиаинен со Баерн Минхен и Вердер Бремен во сезоната 1980/81 и на Франк Хартман со Баерн и Хановер 96 во 1986/87.
Фото: FC Bayern München/X