Голеада на „Сент Џејмс Парк“: Сити го победи Њукасл, Торес даде гол за паметење! (ВИДЕО)

Новиот англиски шампион Манчестер сити ја запиша и 26-та сезонска победа во вечерашната голеада на „Сент Џејмс Парк“ против Њукасл, после триумфот со 4-3 во кој шпанската ѕвезда Феран Торес блескаше со хет-трик од кои еден погодок за – паметење.

Откако разврската за опстанокот заврши со испаѓањето и на Фулам, покрај ВБА и Шефилд јунајтед, како и за титулата со крунисувањето на „граѓаните“ третпат во последните четири години, мечот немаше императив на резултатски план ни за двата тима, па Њукасл и Сити одиграа „убавица“ на сезоната со седум погодоци.

Шпанецот Торес беше прва ѕвезда на мечот, откако даде невиден спектакуларен гол со петица во лет по центаршут во првиот дел (42 минута), а потоа додаде два за две минути во 64-та и 66-та за да направи пресврт за победа, откако претходно Њукасл успеа од негатива 1-2 да дојде до водство од 3-2.

Половина прво полувреме мина без мрежите да бидат чепнати, пред да почне канонадата од голови со погодок за Њукасл преку Крафт во 25-та, па одговор за пресврт на четата на Пеп Гвардиола со голови за три минути преку Жоао Кансело во 39-та и Торес во 42-та, па израмнување до полувреме преку Жоелингтон од пенал, а потоа уште еден пресврт за водство на Њукасл по еден час игра, откако Вилок погоди од втора по промашениот пенал.

Но, Торес не дозволи новиот првак да загуби, па со два гола за 120 секунди го реши мечот и Сити сега има 83 бода на првото место, на две кола до крајот на сезоната, додека Њукасл остана на 39 на 16-та позиција.