Гери Невил распука по Манчестер јунајтед: Таму е нешто скршено, но не е Мурињо (ВИДЕО)

Гери Невил е една од најголемите клупски легенди на Манчестер јунајтед. Поранешниот десен бек целата своја фудбалска кариера ја мине во дресот на „црвените ѓаволи“. Тој синоќа му изрази силна подршка на Жозе Мурињо и удри по актуелното раководство на клубот. 

Тој ги коментираше синоќешните шпекулации низ медиумите, дека Мурињо ќе биде отпуштен во понеделник без разлика на исходот од денешниот натпревар со Њукасл.

„Тоа нема да биде најдобрата одлука за Манчестер јунајтед. Да ви кажам искрено јас сум гневен. Гневен бев кога Дејвид Мојс доби отказ пред неколку години, а информацијата излезе во јавноста преку новинарите еден ден пред тоа да се случи, мислам дека истото се случи и со Луи ван Гал, кој беше отпуштен вечерта пред финалето во ФА Купот, а дозна од некои други луѓе. Ако овие информации за Мурињо се точно и клубот функционира на овој начин, Жозе Мурињо кога ќе излезе на „Олд Трафорд“ веќе ќе биде 'мртовец кој оди'. Но мислам дека токму поради тоа тој ќе добие огромна подршка од трибините и од навивачите. Јас ќе бидам исто така таму да му дадам подршка. 

Ако овие информации се точни и тој биде отпуштен по натпреварот или во недела, тогаш тоа е срамота. Каде се вредностите и принципите на Манчестер јунајтед? Вакви информации да ги дознаваат новинарите пред самиот Мурињо, а ова се случува веќе пет или шест години. Жозе Мурињо е еден од најдобрите менаџери на светот, но мислам дека било кој менаџер да биде на негово место би имал проблем во клубот, најмногу поради тоа како се како се прават трансфери, како работи... За мене е веќе доста, јас го сакам тој клуб, ми даде сè што имам во животот, но не му вртам грб. Морам да кажам дека нешто мора да се смени, а тоа не е менаџерот. Над него треба да се променат работите“, искоментира Невил.