„Газета дело Спорт“: Соблекувалната на Палермо поделена – водач на клан е Несторовски

Сицилијански Палермо не успеа и сезонава директно да обезбеди пласман во Серија А и тоа во завршницата од сезоната со четирите ремија по ред, по што му дозволија на Лече да им го грабне второто место кое водеше директно во калчолигашката елита.

Палермо во чии редови се двајцата македонски репрезентативеци Илија Несторовски и Александар Трајковски сега ќе мора преку плејофот да бркаат место во Серија А, но „Газета дело Спорт“ објави дека два големи проблеми има во сицилијанскиот тим на патот кон враќање на славата.

Првиот е можноста клубот да оди административно во Серија Ц поради административни малверзации од бившиот прв човек Маурицио Ѕампарини, па државниот јавен обвинител бара најстрога казна за клубот. Втората пречка е големата поделеност што постои во соблекувалната која е поделена на два клана.

„Во соблекувалната има големо недоразбирање. Но, ова не е нов проблем, зашто внатрешните проблеми постојат веќе две години. На едната страна е кланот на Словените, предводен од Илија Несторовски, додека на другата страна е кланот кој го предводи Белуши“, пишува најугледниот весник на Апенините, „Газета дело Спорт“.

Дали проблемите и поделеноста во соблекувалната влијаат на резултатите, засега весникот не сака да коментира, ама посочува дека различните ставови на двата клана можеби се пречка за пласманот во Серија А во последниот период, кога веројатно и најмногу ескалирала состојбата.

„Во кратки црти, расположението и условите на Несторовски најмногу влијаат во изборот на тренерот, за разлика од Белуши кој со својот клан сака да го види целиот потенцијал на тимот“, додава весникот.

Тренерот Делио Роси е на маки, но се обидува да ги фати конците во тимот и преку плајофот да го однесе Палермо во Серија А.