Газдата на Јувентус со црни прогнози: Нѐ чека тешка криза, загубите ќе бидат до осум милијарди!

Пандемијата со коронавирус, која експлодира во март предизвика невидена досега финансиска штета во европскиот фудбал, но според газдата на италијанскиот великан Јувентус, Андреа Ањели, кој истовремено е прв човек и на Европската клупска асоцијација (ЕКА) допрва штетите ќе се зголемуваат, предвидувајќи загуби од – невидени размери.

Иако се појавија многу оптимисти дека оваа година ќе започне закрепнувањето на фудбалската економија, Ањели има многу спротивен став и многу црна прогноза – допрва ја чека фудбалската индустрија тешка криза.

Европскиот фудбал веќе има штета преку три милијарди евра, откако беа објавени официјални податоци за последната сецона и 2020 година, во која, на фудбалскиот пазар за 2,6 милијарди евра биле потрошени помалку пари (според ФИФА), а најголемите клубови заедно имаат преку една милијарда евра помала заработувачка на годишно ниво (според консултантската куќа Делоит).

Сега, ањели тврди дека сите би требало да бидат среќни ако комплетната штета од ковид-19 врз фудбалот на економски план стигне до шест ипол милијарди евра, иако неговата проценка е дека таа може да достигне и до осум ипол, па и девет милијарди евра загуби.

„За да ја разбереме комплетно ситуацијата, треба да ги видиме сигналите што ги добиваме, а ние без оглед што минатата сезона ја завршивме и тоа беше една голема победа на фудбалот врз ковид-19, сепак сѐ уште не можеме да сфатиме и разбереме што сѐ не чека. И ако ги видиме сите параметри, од тоа дека имаме за 2,6 милијарди евра потрошено помалку пари во преодните рокови, ако ги видиме загубите во приходите... Најоптимистичко сценарио е дека во следните две години нѐ чека тешка криза со загуби од шест ипол до осум ипол милијарди евра. А, бројките може да бидат и полоши, во зависност како ќе се развива комплетната ситуација“, вели Ањели.

Тој како претседател на ЕКА, која е здружение на сите клубови, посочува дека мора да се направи долгорочна стратегија, во која секако влегува и реформата на европските натпреварувања, за кои веќе се разговара и се разработува планот по 2024 година.

„Мора да имаме визија што за 10-15-20 години. Мора да видиме како ќе одиме понатаму, зашто ова сега веќе е неодржливо како систем посебно не на долги патеки. Сѐ помалку луѓе имаат трпение да отседат покрај ТВ-екраните за да изгледаат еден меч. Мора да се направат сериозни промени, мора да се врати интересот комплетно за фудбалот, но за тоа мора сите јасно да ја исцртаме долгорочната стратегија“, додаде Ањели.