„Флорентино, време е за магија – преку Олмо нокаутирај ја Барселона!“

Шпанскиот репрезентативец, Дани Олмо, би можел да се најде како „жешка роба“ на фудбалскиот пазар, доколку Барселона не успее да го регистрира до крајниот рок, кој истекува на 31 декември.

Комерцијалниот суд вчера ја одби регистрацијата на овој фудбалер, што претставува сериозен удар за каталонскиот клуб, кој мора да го реши проблемот во следните неколку дена. Доколку Барселона не го заврши процесот, Олмо ќе биде слободен да преговара и да потпише со друг клуб. Шпанскиот спортски весник „Марка“ ја искористи оваа ситуација за да предложи смел потег од страна на Реал Мадрид. Во текстот со наслов „Флорентино, сега е време за магија“, весникот повикува претседателот Флорентино Перез да ја искористи шансата и да го донесе Олмо во јануарскиот преоден рок.

„Марка“ го споредува потенцијалниот потег со историските трансфер магии на Перез, како што беа доведувањата на Луис Фиго, Зинедин Зидан, Дејвид Бекам и неодамнешниот ангажман на Килијан Мбапе. Според весникот, трансферот на Олмо би бил „нокаут“ за вечниот ривал Барселона. И покрај предлозите, шансите за ваков трансфер се минимални, со оглед што Реал Мадрид не планира да биде активен во зимскиот преоден рок.