Февруари е, а Барса веќе го надмина бројот на голови од минатата сезона

Со синоќешниот триумф на гостувањето кај Севиља, Барселона се врати во трката за шампионската титула во шпанското првенство бидејќи на 15 кола пред крајот, дојде на два бода од лидерот Реал и еден од второпласираниот Атлетико.

Јасно е дека претстои голема борба за трофеите, но формата во која игра Барселона од почетокот на 2025 година, дава право за оптимизам кај сите во клубот. На 11 меча во новата година, сметајќи ги сите натпреварувања, „каталонците“ постигнаа 41 гол или во просек по 3,7, а не успеаја да ги победат само Гетафе во шпанското првенство и Аталанта во Лигата на шампионите.

На сите натпревари постигнаа барем по еден гол, најмалку против Гетафе и Алавес, но затоа на Реал, Бетис и Бенфика им дадоа по пет, а на Валенсија вкупно 12 на два меча.

Интересно е тоа што не е ни средина на февруари, а Барселона веќе има 113 гола на своето конто и тоа на 36 меча што е просек од над три по натпревар. Целата ланска сезона во која одигра 53 натпревари, Барселона постигна вкупно 110 гола. И во шпанското првенство е убедливо најефикасен тим со 64 гола, дури 13 повеќе од Реал и 26 од Атлетико.