Фенербахче задоцнил: Турците го сакале Несторовски, ама тој веќе се договорил со Удинезе

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски наскоро и официјално треба да биде промовиран за ново засилување на италијанскиот калчолигаш Удинезе, каде ќе дојде како слободен играч од Палермо, откако сицилијанскиот клуб чиј капитен беше е исфрлен во најнизок ранг.

Во моментов на „Фриули“ чекаат официјално да заврши „случајот Палермо“, односно федерацијата да ги раскине договорите на фудбалерите на сицилијанскиот тим за тие официјално да бидат слободни, а со тоа Несторовски да добие чисти документи и да потпише тригодишен договор со годишна плата од еден милион евра.

Но, италијанските медиуми објавија дека во трката за Несторовски влегол турски Фенербахче, каде член е Елиф Елмас, но очигледно е дека истанбулскиот великан закаснил во потерата, поради тоа што прилепчанецот веќе се договорил со Удинезе.

„Во последните часови, од Турција се појавија информации дека Фенербахче го сака Несторовски. Но, нема паника на 'Фриули', зашто договорот со Несторовски веќе е потпишан по преговорите со неговиот претставник Давор Ќурковиќ“, пишуваат италијанските медиуми.

Постојат информации дека во текот на идната недела и конечно „случајот Палермо“ ќе биде затворен, а со тоа Несторовски ќе ги има лекарските прегледи и официјалната промоција и ќе почне со подготовките за новата сезона.