Фабрицио Романо: Рајо за Димитриевски доби понуда од С. Арабија, нема преговори со Барса!

„Гуруто за трансфери“, Фабрицио Романо објави вечерва дека Рајо Валјекано добил понуда од 3,5 милиони евра за македонската „единица“ Столе Димитриевски од еден од најпопуларните клубови во Саудиска Арабија, Ал Наср.

Ал Наср се обидува да го ангажира Димитриевски, па тој да дојде на арапскиот полуостров, каде веќе игра еден македонски репрезентативец, Езџјан Алиоски кој летоска како слободен играч потпиша за Ал Ахли за пет милиони евра во следните две години.

Но, договор за трансфер меѓу Рајо Валјекано и Ал Наср нема, зашто „пчеличките“ сакаат да го задржат македонскиот голман, кој сезонава блеска, а Романо потенцира дека во моментов нема никакви преговори на мадридскиот клуб со Барселона, која е заинтересирана да го земе чуварот на мрежата.