Ериксен во 97. минута го „казни“ Златан и донесе куп-полуфинале за Интер (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер на драматичен начин се пласираа во полуфиналето од Купот на Италија, откако вечерва ,со голот на Кристијан Ериксен во 97. минута, го совладаа големиот градски ривал Милан (2-1).

Данецот го постигна петтиот погодок во дресот на „нераѕурите“, кој сигурно е најзначаен и по кој тренерот Антонио Конте сигурно почесто ќе го има в предвид за почетниот состав. Претходно, Милан поведе со голот на Златан Ибрахимовиќ во 31. минута, а изедначи Ромелу Лукаку во 71. минута од пенал.

Овие двајца фудбалери беа во центарот на вниманието на светската спортска јавност со физичкиот и вербален дуел кон крајот на првото полувреме, кога прво се туркаа со главите, а потоа и меѓусебно се пцуеја на најгрд можен начин со навреди кои можеа да се слушнат и во директниот пренос. За ова добија по жолти картони, што потоа и го смени текот на натпреварот.

Ибрахимовиќ во 58. минута од зад грб го собори Коларов, што беше прекшок за жолт картон, а со оглед што му беше втор, судијата мораше да му покаже и црвен картон. Тоа го смени текот на мечот и го стави Милан во подредена позиција, што противникот потоа максимално го искористи за пресврт и куп-полуфинале.