Епски пресврт на Атлетико Мадрид во 91-та и 93-та минута за победа над Валенсија (ВИДЕО)

Актуелниот шпански шампион Атлетико Мадрид со епски пресврт во 91-та и 93-та минута успеа да дојде до победа против Валенсија (3-2), за втор триумф на последните три меча за да се зацврсти на позициите за ЛШ, иако сѐ изгледаше како загубено за црвено-белите после еден час игра на „Ванда Метрополитано“ во пресметката која траеше повеќе од 100 минути.

Дефанзивецот Марио Хермосо во третата минута од судиското надополнување на Атлетико му ја обезбеди победата, нецели 120 секунди откако во првата минута од дополнителната игра, Анхел Кореа погоди за израмнување, откако Валенсија имаше џиновски 2-0 по првото полувреме.

Пресуди влегувањето на Матеус Куња, младиот бразилски напаѓач во 57-та минута кога Диего Симеоне тргна на сѐ или ништо, па овој фудбалер во 64-та минута по асистенција на Јаник Караско го врати Атлетико во игра, а потоа му асистираше на Хермосо за победничкиот гол.

Претходно, Мусах во 25-та, па Дуро во 44-та со два гола ѝ донесоа огромна предност на Валенсија, но „љиљаците“ потклекнаа во завршницата и не успеаа големиот капитал да гоз адржат за да освојат бод(ови) од овој меч.

Атлетико со десетата сезонска победа и веќе извесно загубена трка за одбрана на титулата има 36 бода, три повеќе од Реал Сосиедад, за четврто место во Ла Лига, додека Валенсија со седмиот пораз, трет во последните четири меча, остана на 29 бода на деветото место.