Елмас денеска на завршни преговори со Наполи

Македонскиот бисер Елиф Елмас е многу близу да ја заврши сагата околу својата иднина, откако веќе шест месеци секојдневно се поврзува со некој европски гигант, па според последните најави од Турција и од Италија, блиску е да стане нов член на Наполи.

Како што објави „Ѓунеш“, Елмас добил дозвола да се сретне со претставниците на Наполи на завршни преговори со италијанскиот вицепрвак Наполи, кој е сериозно заинтересиран веќе подолг период, а тренерот Карло Анчелоти го ставил македонскиот фудбалер како еден од приоритетите за ангажман летово.

„Репрезентативецот на Македонија не се појави на тренинг-кампот на Фенербахче, зашто добил дозвола да се сретне со претставниците на Наполи денеска. Наполи веќе го контактирал Фенербахче, веќе има понуда на маса за Елмас и Наполи е ептен загреан за брзо да ја заврши работата. Елмас има дозвола до 10 јули да одмори, а според последните информации близу е да го прекине договорот со Фенербахче и воопшто да не се појави на тренинг-кампот“, пишува Ѓунеш.

Не е познато за колкава сума Наполи би го купил Елмас, но според претходните пишувања сигурно трансферот нема да биде помал од 15 милиони евра.

Македонскиот бисер во последнава година го сврте вниманието кон себе, а во Фенербахче дојде во август 2017 година од Работнички, а дебармаалци за трансгерот добија само 180.000 евра во тренинг-компензација.

За Елмас сериозен интерес имаше и од Атлетико Мадрид, а во групата на најзаинтересирани беа и Тотнем, Интер, Лацио, Борусија Дортмунд...