Ѕвезда на Тотнем ќе заврши во двонеделна изолација поради - коронавирусот!

Англиски „Сан“ објави дека ѕвездата на Тотнем, Сон Хеунг-Мин ќе биде изолиран во следните две недели по враќањето од Јужна Кореја поради страв за ширење на опасниот коронавирус.

Сон доби дозвола да се врати во татковината минатиот месец по операцијата на скршената рака. Тој беше на само 240 км од двата најзаразени града во државата, па поради тоа ќе мора да бидат преземени соодветни мерки.

Тренерот на лондонскиот клуб, Жозе Мурињо, кажа дека ќе ги почитуваат советите и препораките на властите и истакна дека нема да дава било каков дополнителен коментар затоа што не е специјалист за оваа тема.

„Му кажав на Сон дека по враќањето од Сеул ќе мора да ги следиме протоколите и поради тоа нема да може да сметаме на него во следниот период. Не знам каде ќе биде сместен, само знаеме дека мора да ги следиме безбедносните протоколи“, кажа Мурињо.