Добри вести на „Итихад“: Агуеро ќе биде подготвен за реваншот со Реал Мадрид

Најдобриот стрелец во историјата на англискиот великан Манчестер сити, Серхио Агуеро ќе биде подготвен за реванш осминафиналето во Лигата на шампионите против Реал Мадрид, најавија англиски медиуми.

Пресметката на Сити и Реал е закажана за почетокот на август, а „граѓаните“ имаат предност од 2-1 по победата во Мадрид, но се најдоа во проблем откако Агуеро за време на рестартот на сезоната се повреди и заврши на мала операција на коленото. Засега работи на рехабилитациската програма само во теретана, а сè уште нема тренинзи на терен, но лекарите се оптимисти дека брзо ќе се врати во погон.

Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола најави дека според информациите што ги има, за пресметката со „кралевите“ би требало да го има целиот тим на располагање.

„Мислам дека сите ќе бидат подготвени за тој меч со Реал. Ќе ни недостига само Бенжамин Менди, кој е суспендиран, а останатите ќе бидат фит. Имаме уште две недели до мечот и јас само посакувам и се надевам дека нема да ни се случи некоја катастрофа на тренинзите“, рече Гвардиола. Сити викендов го игра последниот меч од Премиерлигата, а потоа ќе има двонеделна подготовка за завршницата во ЛШ.

Ако го минат Реал, одат на завршниот фајнлејт-турнир во Лисабон, а според многу стручњаци и аналитичари се и први фаворити за освојување на европската круна.