Карагер удри по Касемиро: Беше фудбалски великан, сега е зрел за МЛС или Саудиска Арабија

Од преселбата во Манчестер Јунајтед, бразилскиот репрезентативец Касемиро не е ни бледа сенка на фудбалерот кој беше меѓу основните во Реал Мадрид и кој учествуваше во големите успеси на клубот претходната деценија.

Јунајтед по квалитетот е далеку од Реал, но Касемиро требаше да биде лидер на теренот, имајќи го предвид своето искуство и фактот дека дојде како играч со пет титули во Лигата на шампионите. Кулминација на неговиот голем пад беше синоќешниот меч против Кристал Палас на кој анонимните фудбалери од противничкиот тим буквално си поигруваа со него. Поради тоа и беше цел на критики од поранешниот англиски репрезентативец Џејми Карагер во неговата анализа по натпреварот.

„Уште на полувреме реков дека Касемиро мора да биде заменет. Знам дека на клупата имаше само 'деца', но сериозен сум кога велам дека Касемиро мора да знае дека треба да има само уште три натпревари на највисоко ниво. Треба веќе да размислува за МЛС или Саудиска Арабија. Зборуваме за еден од великаните на модерниот фудбал, играше во еден од најдобрите редови за врска во светот, покрај Тони Крос и Лука Модриќ, но има една изрека која сам постојано си ја кажував: остави го фудбалот пред тој да те остави тебе. Касемиро мора да каже - доста е“, рече Карагер.

Бразилецот има договор со Јунајтед со 2026 година, но нема да биде изненадување ако летово биде буквално избркан од клубот.