Димитриевски: Тешко е, ми недостига Македонија, но мора сите да издржиме!

Коронавирусот секој ден зема сè повеќе човечки жртви, а во моментов најзагрозена е Италија додека веднаш зад неа е Шпанија, која денеска ја надмина Кина по бројот на смртни случаи. Македонскиот голман Столе Димитриевски во моментов се наоѓа во изолација во Мадрид, па за шпанска „Марка“ откри како го поминува времето.

Димитриевски знае дека ситуацијата во светот е алармантна и дека вирусот е премногу опасен, но смета дека на крајот луѓето ќе успеат да го надминат проблемот и ќе излезат како победник во тешката борба.

„Ми недостига моето семејство и тешко ми е што сум далеку од Македонија. Ситуацијата е стабилна во мојата татковина, но мора да бидеме внимателни и да ги почитуваме правилата и мерките, кои ќе помогнат да се надмине овој проблем. Родителите ми велат дека во Шпанија е лоша ситуацијата, но јас сум дома и ги следам препораките. Мора да го издржиме овој перио“, вели Димитриевски.

Голманот раскажува и за тоа како го поминува времето во својот дом, а вели дека најчесто чита книги, гледа филмови, но не го заборава и домашниот тренинг за да остане во форма.

„Читам многу спортски книги, една од нив е таа за Златан Ибрахимовиќ, а исто така сакам и да гледам многу филмови и серии. Секако, тренирам секој ден во мојот дом и така останува во форма“, вели македонскиот чувар на мрежата.

Димитриевски зборуваше и за македонската репрезентација со која требаше да го игра историскиот меч против Косово за пласман на Европското првенство.

„Сега требаше да играме со Македонија во плејофот против Косово за да дојдеме поблиску до пласман на Европско првенство. Сепак, тоа во моментот не е важно, никој не зборува за фудбал. Ќе има време и за тоа, сега е важно да ја добиеме оваа борба против вирусот“, кажа голманот.