Димитриевски: Не знам дали ќе останам во Рајо, сега во мислите ми е само – Македонија!

Македонската репрезентативна „единица“ Столе Димитриевски изјави дека во моментов не размислува за клупската иднина и дали ќе остане во Рајо Валјекано по испаѓањето во Втората лига во Шпанија, зашто во моментов сите мисли му се само за евроквалификациските мечеви со Полска и Австрија на 7 и 10 јуни во Скопје.

Димитриевски во последните моменти од летниот преоден рок лани дојде од Гимнастик во Рајо и потпиша договор до 2022 година, а откако во најголемиот дел од сезоната беше првотимец на малиот мадридски клуб го сврте вниманието на Валенсија и Бетис кои покажаа интерес за него.

„Во моментов не знам дали ќе останам во Рајо, не знам каква е мојата иднина, зашто мислите ми се насочени исклучиво кон Македонија и настапот за репрезентацијата. Во моментов сум исклучен од тоа, а што треба да се случи – ќе се случи. Јас не се оптоварувам со тоа (договор до 2022 – н.з.), имам менаџер, тука е клубот...Така да, на крајот ќе биде донесена одлука каква што треба во интерес на сите“, вели Димитриевски.

Макеоднскиот голман посочи дека е среќен со своите настапи индивидуално, но жали што не успеа Рајо да обезбеди опстанок во Ла Лига.

„Мојата сезона беше многу добра, ако гледаме од индивидуална перспектива. Јас имав преку 20 меча, среќен сум како бранев, но многу потажен зашто како група не ја исполнивме целта. Не успеавме да опстанеме од многу причини. Мислам дека имаме добар тим, но многупати немавме среќа. Паднавме во моменти кога не требаше и поради тоа не стигнавме да го оствариме зацртаното“, додаде Димитриевски.

Посочи дека играњето за македонската репрезентација е нешто најдобро на светот.

„Да се игра за Македонија е најдоброто нешто на светот. Ја бранам мојата земја, на секој меч на кој играм практично уживам и чувствувам голема гордост што го носам дресот“, посочи Димитриевски.