Дербито за Лион: Мемфис Депај го замолкна „Велодром“ (ВИДЕО)

Лион ги задржа надежите за пласман во Лигата на шампиони, откако со 3-2 славеше на гостувањето кај Олимпик Марсеј во дербито на Лига 1. 

Двата тима со име Олимпик одиграа фантастично интересен натпревар со два пресврти. Најпрво стоперот Роландо го доведе домашниот тим во водство од 1-0 за голема радост на „Велодром“ по половина час игра. Несреќниот Адил Рами си постигна автогол во 42-тата минута за 1-1. 

Хусем Ауар направи пресврт во 52-та минута за водство на Лион од 1-2. Следуваше фантастично интересен финиш, кога најпрво Костас Митроглу израмни на 2-2 со гол во 84-тата минута, а победата на гостинот му ја донесе Мемфис Депај во последната минута од регуларниот дел по асистенција на Маријано Дијаз.

Лион сега се доближи на само два бода до третото место на Марсеј, кое води во квалификациите за пласман во Лигата на шампиони.