Дејан Илиев после девет години раскрсти со лондонски Арсенал

Повремениот македонски репрезентативец Дејан Илиев не е повеќе дел од лондонскиот премиерлигашки гигант Арсенал, откако „топчиите“ и чуварот на мрежата се разделија шест месеци пред истекот на договорот.

Илиев во Арсенал замина во летото 2012 година како голем талент во младинската школа на „топчиите“ од струмичка Беласица, но не успеа да брани на ниту еден меч за првиот тим на лондончани, па откако заврши со настапите во младите категории и Б-тимот, потоа беше испраќан на низа заеми, но и честите повреди го спречија младиот голман во неговиот развој.

Илиев во 2015 година доби тригодишен договор, па пред две години уште еден нов двегодишен договор, ама во изминатиов период најмногу бранеше за словачки Серед, а мина кратки заеми и во полска Јагелонија, англискиот третолигаш Шрузбери, а во есенскиот дел од оваа сезона повторно бранеше во Серед пред да го повреди менискусот на коленото.

Арсенал и Илиев сега ја прекинаа соработката со цел македонскиот голман како слободен играч да си најде полесно нов клуб каде ќе ја продолжи соработката. Тој беше трет голман и седеше на клупата во финалето во Баку во Лига Европа во 2019 година, каде Арсенал загуби од Челси во пресметката за трофејот со 1-4.

Илиев е младински македонски репрезентативец, дел од златната генерација која играше на Еуро 2017, но не настапи на ниту еден меч поради повреда на коленото. Потоа беше дел и од сениорската репрезентација.