Даци не запира со головите за Вестерло – петти сезонава и втор стрелец во лигата!

Поранешниот македонски младински репрезентативец Ердон Даци повторно даде гол за белгиски Вестерло, каде дојде летово како засилување по раскинувањето на договорот со Коњаспор и за него ова е петти гол во деветиот меч сезонава.

Екс-вардаровото дете Даци се запиша во листата на стрелци во 56-та минута од мечот за практично да го најави триумфот на Вестерло на гостувањето кај Лирс во триумфот со 5-1, а неговиот тим ги наполни домаќините до 74-та минута со четири гола, по што Лирс потоа само постигна почесен гол, а Вестерло во завршницата погоди и петти пат.

Даци со својот петти гол сега е на делба на второто место на листата на стрелци заедно со Шуерманс од Лирс, а само еден гол го дели од врвот каде е Австриецот Мадернер од Васланд Беверен.

Со оваа победа Вестерло се зацврсти на првото место, сега со убедливи десет бода предност пред Беверен по 12 кола во втората белгиска лига.