
Челси за тројца „избришани“ ќе заработи над 80 милиони евра
Британските медиуми објавија дека на заминување од Стемфорд Бриџ се тројца фудбалери за кои клубот ќе заработи повеќе од 80 милиони евра. Сите тројца се отпишани од тренерот Енцо Мареска што значи дека „сините“ ќе заработат многу од непотребните во екипата.
Половина од оваа сума е за Кирнан Дјусбери Хол кој е на чекор од трансфер од Евертон, а со оглед на тоа што неговата пазарна вредност официјално изнесува 20 милиони евра, јасно е дека Челси добро поминал во оваа зделка. Заедно со Дјусбери Хол, си заминува и Лесли Угочукву за кого Барнли ќе плати 23 милиони евра што е одлично за Челси ако се знае дека фудбалерот последната сезона одигра само 12 натпревари со 297 минути.
Третиот кој е на прагот на трансфер е Карни Чуквуемека за кого е заинтересирана Борусија Дортмунд и, наводно, германскиот клуб прифатил да го купи за 25 милиони евра.
Челси летово веќе продаде фудбалери во вкупна вредност од околу 150 милиони евра при што најголемиот трансфер беше оној на Нони Мадуеке во Арсенал, за околу 55 милиони. Со оглед на тоа што потроши околу 160 милиони евра за засилувања, заедно со трите трансфери во најава, би можел да го заврши летниот преоден рок во голем плус.