Челси планира да го спаси Тер Штеген од каталонскиот пекол
„Сините“ сакаат да додадат искуство на голманската позиција и веруваат дека Германецот би можел да биде решението за проблемите на тимот. Тер Штеген го загуби своето место во стартниот состав на Барса, а одлуката на „каталонците“ да потрошат 25 милиони евра за 24-годишниот Жоан Гарсија предизвика внатрешни несогласувања, бидејќи Тер Штеген го сметаше трансферот како порака дека неговата ера е завршена.
Пред операцијата на грбот во текот на летото, германскиот голман го изненади клубот со објавата за својата повреда на социјалните мрежи без да го информира медицинскиот оддел на Барселона. Ова беше оценето како непрофесионализам од раководството на клубот. На Тер Штеген дури и накратко му беше одземена капитенската лента, но подоцна му беше вратена, ама на сите им е јасно дека тој повеќе нема да брани за Барселона.
Челси во моментов има одлично избалансиран тим, но најголем проблем е токму голманската позиција што најдобро се виде и на дербито против Манчестер Јунајтед кога Роберт Санчез доби црвен картон уште во петтата минута поради непромислен старт.