„Цела“ Шкотска е со Хартс - се гледа крајот на 40-годишната хегемонија на Селтикс и Ренџерс
Ренџерс се на петтото место со само 12 бода од девет кола, Селтик е втор, а убедливо на првата позиција, со осум бода предност во однос на шампион е најголемото изненадување - Хартс. Во досегашните девет натпревари, тимот од Единбург оствари осум победи и едно реми, а во текот на викендот го згази Селтик на домашен терен со 3-1. Единствениот кикс досега „срцата“ го направија на домашен терен против Хибернијан (3-3), но и тогаш покажаа карактер бидејќи до 65. минута имаа негатива од 0-3, а на крајот сепак освоија бод.
Јасно е дека има уште многу да се игра, но речиси цела Шкотска (со исклучок на навивачите на Селтик и Ренџерс) се со Хартс. Клубот има шанса да ја прекине хегемонијата на двата најславни шкотски гиганти кои ги поделија сите титули од 1985 година. Последниот што им застана на патот беше Абердин пред четири децении, предводен од тогаш се уште анонимниот Алекс Фергусон.
Хартс (Харт оф Мидлотијан е целото име на клубот) има четири шампионски титули во својата историја, но последната е освоена во 1960 година. Тоа е и последен таков трофеј на клуб од Единбург, главниот град на Шкотска.