Челси го договорил Нкунку, завршен е и „шпионски“ медицински преглед!

Трансфер периодот заврши, но и понатаму читаме вести за трансфери и тоа на највисоко ниво. Последната „бомба“ е дека Челси се договорил со Кристофер Нкунку од Лајпциг и тоа за трансфер кој ќе се реализира идното лето.

И британски „Телеграф“ и германски „Билд“ пренесоа слична информација, дека Челси се договорил некаде во месец август и покрај тоа што 25-годишниот Французинот пролетва потпиша нов договор со Лајпциг. Божем се врза на верност со бундеслигашот до 2026 година, арно ама во договорот имало откпуна клаузула поставена на 60 милиони евра.

За Челси таа сума не е проблем, а за Лајпциг напаѓаочот нема да биде неопходен, затоа што во меѓувреме се договори идната сезона да го донесе словенечкото чудо од дете кое настапува во Салцбург - Бенјамин Шешко.

Врв на целата приказна е тоа што сопственикот на Челси, Тед Боели и покрај неговиот продолжен договор инсистирал да преговара за Нкунку уште во август. Наводно, уште тогаш успеал да ги убеди и челниците на Лајпциг и фудбалерот, да извршат таен, речиси „шпионски“ медицински преглед во Франкфурт, со што Нкунку ќе може непречено да премине кај „сините“, штом му завршат обврските со Лајпциг.

Не треба да се потенцира дека договорени се и личните услови со него, а сумата која Лајпциг ќе ја добие останува 60 милиони евра. Единствениот услов на Лајпциг е напаѓачот да ја доигра сезоната и да продолжи да ги подобрува своите бројки кои досега изнесуваат 35 гола за 52 натпревара.

Челси летово имаше неуспеша понуда кон Лајпциг за услугите на хрватскиот стопер, Јошко Гвардиол, вредна 80 милиони евра, па медиумите од Англија велат дека, иако била одбиена, таа била повод двата клуба да се зближат и да ги подобрат односите. Од друга страна, ваквиот начин на продавање не е стран за Лајпциг. Во 2017 година слично се договори со Ливерпул, за услугите на Наби Кеита, кој премина во Англија дури откако заврши сезоната, во 2018.