Чави доби отказ, Барса ќе го промовира Флик в понеделник

Чави Ернандес официјално доби отказ од тренерската позиција во Барселона, објави пред малку клубот.

Пред еден час тој имаше состанок со претседателот Жоан Лапорта на кој бил известен за одлуката на Управниот одбор, а само уште в недела против Севиља ќе ја води екипата. Такво нешто беше најавено уште пред неколку дена, но денеска доби потврди, по средбата меѓу Лапорта и Чави. За речиси три сезони на клупата, Чави освои титула во Ла Лига и во шпанскиот Суперкупот, но оваа сезона ја заврши без трофеј. Интересно е тоа што во јануари годинава, Чави најави дека ќе си замине на крајот од сезоната, а потоа раководството на клубот направи се за да го премисли и да го задржи барем уште една година. Тренерот потоа прифати да остане за на крајот да добие отказ и на неславен начин да си замине од клубот каде ја помина речиси цела играчка кариера.

 

 

Иако нема официјална потврда, Ханси Флик ќе биде тренер на Барселона во сезоната 2024/25, а неговата промоција на новата позиција ќе биде извршена в понеделник, тврди каталонскиот весник Мундо депортиво. Изданието објави дека германскиот стручњак ќе потпише договор на една година, со можност за продолжување на уште една што ќе зависи од остварувањето на целите на клубот. 

Флик е без ангажман од септември минатата година кога доби отказ од селекторската функција во германската репрезентација по поразот од Јапонија на пријателски меч што беше трет во низа за четирикратниот светски првак. Претходно беше тренер на Баерн со кого во 2020 година ги освои сите шест титули, а ја победи Барселона со 8-2 во четвртфиналето од Лигата на шампионите.