Чаби Алонсо си оди, на негово место - Чави!?

По вчерашните информации дека Карло Анчелоти ќе ја преземе бразилската репрезентација, станува јасно дека Чаби Алонсо е прв фаворит за тренерската позиција во Реал што значи дека Баер Леверкузен ќе мора да бара негов заменик.

Медиумите во Шпанија тврдат дека на местото на Чаби, на клупата ќе седне поранешниот тренер на Барселона, Чави Ернандес. Тој е без работа откако пред околу една година ја напушти Барса и на негово место беше назначен Ханси Флик.

Иако навивачите на каталонскиот тим не беа задоволни од неговата работа, факт е дека во исклучително тешки услови и со кадар кој е далеку од сегашниот, Чави успеа да освои шампионска титула во Ла Лига и трофеј во Суперкупот на Шпанија, а му нанесе и неколку тешки порази на Реал кој тогаш беше во полна сила. Освен тоа, Чави го „измисли“ Ламин Јамал и му даде шанса во првиот тим, а направи и неколку мега трансфери, како оној на Рафиња.