Бурно на „Олд Трафорд“: Погба се заканил со штрајк, ако не го продадат во Реал Мадрид!?

Француската ѕвезда на Манчестер јунајтед, Пол Погба официјално побарал од раководството на „црвените ѓаволи“ и менаџерот Оле Гунар Солшер да го продадат во Реал Мадрид, а патем се заканил и со штрајк, ако тоа не се случи летово, објавија англиски медиуми.

Погба е голема желба на Зинедин Зидан, но Јунајтед за него постави цена од 170 милиони евра, која е неприфатлива за „кралскиот клуб“, па сега за трансфер клучна улога треба да одигра најконтроверзниот менаџер Мино Рајола. Но, Погба во разговорите за транфер посочи дека ќе штрајкува ако не замине во Реал.

Наводно, тој го одбил Јувентус за да се врати во Торино, од каде во 2016 година за 100 милиони евра се пресели на „Олд Трафорд“, зашто сакал да игра само на „Сантјаго Бернабеу“. Дури е подготвен и да прифати сериозно помала плата во шпанската престолнина во однос на таа што ја има во Јунајтед, само да го облече „кралскиот дрес“.

Сега останува да се види дали Јунајтед ќе се согласи да го продаде Погба и за возврат да добие пари плус Герет Бејл, сооглед дека „црвените ѓаволи“ посакуваат да го ангажираат Велшанецот.

Реал Мадрид летово веќе донесе неколку ѕвезди од Еден Азар, Лука Јовиќ, Едер Милитао, Ферлан Менди и Бразилецот Родриго, за кои веќе си го урна клупскиот рекорд со потрошени 303 милиони евра досега.