На 83 години, почина еден од најдобрите фудбалери во историјата на Интер

Италијанскиот и светскиот фудбал денеска остана без една од своите најголеми легенди. Сандро Мацола почина на 83-годишна возраст, а веста ја потврди неговиот Интер во раните утрински часови.

Мацола беше еден од симболите на славната „Гранде Интер“ на Хеленио Ерера во 60-тите години. Целата своја професионална кариера ја помина во дресот на „нераѕурите“, од 1961 до 1977 година, забележувајќи 565 настапи и постигнувајќи 161 гол според официјалните податоци на Интер.

Со Интер освои четири титули во Серија А, две Купа на европските шампиони и два Интерконтинентални купа. Посебно место во неговата кариера има финалето на Купот на европските шампиони во 1964 година, кога Интер го совлада Реал Мадрид со 3-1 во Виена, а Мацола постигна два гола. Во сезоната 1964/65 беше најдобар стрелец во Серија А со 17 голови, додека во 1964 година го освои и голгетерскиот трофеј во Купот на европските шампиони со седум погодоци. Во 1971 година заврши на второто место во изборот за „Златната топка“, зад Јохан Кројф.

Мацола остави голем белег и во репрезентацијата на Италија. За „аѕурите“ одигра 70 натпревари и постигна 22 гола. Беше дел од тимот кој ја освои Европската титула во 1968 година, а две години подоцна настапи и на Светското првенство во Мексико, каде Италија стигна до финалето. Неговата животна приказна беше неразделно поврзана и со неговиот татко, Валентино Мацола, легендарниот капитен на Големиот Торино, кој загина во трагедијата во Суперга во 1949 година. Сандро тогаш имал само шест години. Подоцна самиот изгради сопствена фудбалска легенда и стана еден од најпрепознатливите симболи во историјата на Интер.

Миланкиот клуб во својата порака за збогување го опиша Мацола како „еден од најголемите фудбалери во историјата“, нагласувајќи дека неговото значење ги надминува границите на клубот.