Лондон на нозе: По 14 години се враќа едно од најжестоките англиски дерби дуели

Фудбалска Англија овој викенд ќе биде во знакот на едно од најпознатите лондонски дербија. Милвол и Вест Хем повторно ќе се сретнат, по пауза од дури 14 години, а натпреварот ќе биде нивна 100. меѓусебна официјална пресметка.

Последниот нивни натпревар се одигра во февруари 2012 година, а оттогаш двата клуба воопшто не се сретнале во официјален меч. Сега повторно ќе се соочат во Чемпионшип, што дополнително го зголемува значењето на големото лондонско дерби.

Ривалството има корени уште од крајот на 19 век. Милвол и Вест Хем потекнуваат од различни делови на Лондон, а нивната историја е тесно поврзана со работничките заедници и бродоградилиштата покрај Темза. Првата меѓусебна средба датира од 1899 година.

По 99 досегашни дуели, Милвол има 38 победи, Вест Хем 34, додека 27 натпревари завршиле нерешено.

Последната средба во 2012 година заврши со победа на Вест Хем, а враќањето на дербито по толку долг период предизвика огромно внимание во Лондон. За дел од помладите навивачи ова ќе биде прва можност во живо да го почувствуваат ривалството кое со децении го следи овој дуел.

Натпреварот се игра денеска од 13:30 часот, а поради историјата на ривалството безбедносните мерки се значително засилени. Метрополитен полицијата најави ангажман на околу 400 полицајци, како и посебни мерки за движење на навивачите.

Вест Хем, предводен од Нуно Еспирито Санто, во дербито влегува како лидер во Чемпионшип, додека Милвол ќе ја има предноста на домашниот терен.