Продолжува расколот кај „триколорите“: Дембеле пак го пецна Мбапе, без да му го спомне името

Тензиите околу француската репрезентација продолжуваат, а Усман Дембеле повторно испрати порака која француските медиуми ја толкуваат како одговор до Килијан Мбапе, иако капитенот на „триколорите“ воопшто не беше споменат.

На прашањето кој според него е најдобар фудбалер во светот, Дембеле без многу размислување го посочи својот соиграч од ПСЖ, Хвича Кварацхелија.

„Квара е најдобар на светот“, изјави Дембеле, додавајќи дека би бил воодушевен доколку Грузиецот ја освои „Златната топка“, бидејќи според него ја заслужува.

Оваа изјава доаѓа во период на зголемено внимание околу односите меѓу Дембеле и Мбапе. Сè започна со интервјуто на Мбапе за „Франс Фудбал“, во кое тој го спореди својот фудбалски пат со оној на Дембеле. Мбапе оцени дека уште од најрана возраст бил сметан за „избран“ играч, додека Дембеле имал поинаков пат, проследен и со повреди. Токму зборот „избран“ очигледно му засметал на Дембеле. По победата на ПСЖ над Брест, тој беше прашан за трката за „Златната топка“, а во одговорот порача дека никогаш не бил „избран“, туку дека во текот на целата кариера морал напорно да работи за да стигне до врвот. Новата изјава за Кварацхелија сега повторно се толкува како индиректна порака до Мбапе. 

Дополнително, прашина во целата ситуација кренаа изјавите на поранешниот француски репрезентативец Жером Ротен. Тој тврди дека во репрезентацијата постојат поделени мислења околу Мбапе и дека дел од играчите повеќе застануваат на страната на Дембеле. Ротен дури предупреди дека следната средба меѓу двајцата на репрезентативниот собир би можела да биде напната.