Кејн испиша историја - најбрзо до 100 гола во историјата на Бундеслигата

Хари Кејн продолжува да ги поместува границите во Бундеслигата. 

Англискиот голгетер постигна два гола во убедливата победа на Баерн Минхен од 7-0 против Унион Берлин и постави нов рекорд во германското првенство.

Кејн во 39. минута реализираше пенал за својот 100. гол во Бундеслигата, со што стана најбрзиот фудбалер во историјата на натпреварувањето кој стигнал до оваа бројка.

На Англичанецот му беа потребни само 98 натпревари за да стигне до 100 гола. Со тоа го надмина досегашниот рекорд на Дитер Милер, кој до својата стотка стигнал по 129 настапи.

Но, Кејн не застана тука. Во 54. минута повторно ја затресе мрежата за да стигне до 101 гол во Бундеслигата, а Баерн продолжи кон убедливата победа од 7-0.

За Кејн ова е уште едно во низата индивидуални достигнувања откако во 2023 година пристигна во Минхен. Неговата ефикасност во Германија е импресивна, а со новиот рекорд уште еднаш покажа колку брзо стигнува до историски бројки.

„Многу сум горд, искрено, што стигнав до 100 гола во Бундеслигата. Тоа го направив и во Премиерлигата, па сега да го постигнам истото и во друга лига е нешто на што сум навистина горд“, изјави Кејн по натпреварот.

А додека Кејн ја славеше историската вечер, Мајкл Олисе постигна хет-трик, а Баерн со седум гола испрати јасна порака во продолжението од сезоната.