Брутално претепан судијата кој го запроси момчето пред 50.000 гледачи во Бундеслигата!

Германскиот аматерски фудбалски судија, Паскал Кајзер, бил брутално претепан пред својот дом само една недела откако за време на натпреварот од Бундеслигата помеѓу Келн и Волфсбург пред речиси 50.000 гледачи јавно го запроси својот партнер Мориц.

Настанот што стана вирален на социјалните мрежи очигледно им засметал на одредени поединци. Според изјавата на Кајзер, тој претходно добивал закани, во кои дури била наведена и неговата домашна адреса. Иако ја известил полицијата, му било соопштено дека не постои непосредна опасност. Само дваесетина минути подоцна, додека пушел цигара во дворот, бил нападнат од тројца мажи.

„Беа исклучително агресивни. Убеден сум дека нападот е директно поврзан со мојата јавна просидба“, изјави Кајзер, кој смета дека станал цел токму поради тоа што неговата врска стана јавно позната.