Братот демантира дека Конте ќе го преземе Реал Мадрид

Поранешниот тренер на Челси и Јувенту и екс-селектор на Италија, Антонио Конте во последно време се поврзува со клупата на европскиот првак Реал Мадрид, како наследник на Хулен Лопетеги, но иако шпанските медиуми веќе го најавија како сигурно решение, од такво нешто изгледа нема да има ништо.

Како што објавуваа медиумите на Пиринеите во последните денови, Флорентино Перез веќе воспоставил контакт со Конте и наводно веќе донел одлука да го смени Лопетеги, кој доби шанса да го води мадридскиот великан и во оваа недела (победа со Викторија Плзен во ЛШ и „ел класико“ в недела). Но, братот на италијанскиот кормилар демантираше дека Конте е во преговори со европскиот шампион.

„Антонио моментно е на одмор. Нема ниту еден повик од Реал Мадрид. Дефинитивно Реал е голем клуб, ама досега немало контакти“, рече Даниеле, братот на Антонио Конте.